Sunday, January 28, 2018

Класично Гвакамоле

При изборот на храна, најчесто сакам да јадам храна одгледувана под нашето поднебје и сезонска храна. Сметам дека природата е мудра и намерно дала одредени работи на одредено место и во одредено време. Затоа, слушајте го вашиот организам и неговите потреби. Ако во ладните зимски денови ни треба енергија и греење, имаме потреба за нешто помрсно и затоа најчесто јадеме варијанти на месо па и повеќе масти. (Без нив мене ќе ми биде многу ладно 🙏) Кога ќе затопли во пролетта, имаме потреба од прочистување (детоксикација) и освежување. Затоа, тогаш го сакаме големиот избор на салати. Кога е многу жешко на лето, имаме потреба од хидратација. Е тогаш, не помислуваме многу на месата, пивтиите, колбасите и мазниците кои сме ги јаделе зимата. Тогаш ни требаат течности и полесна храна. Што значи, да се јаде сезонски е сосема природно и здраво. Го снабдуваме организмот во одредено годишно време со сè она што ТОГАШ му треба. Локалната храна ја поддржувам  не само затоа што мојата земја и град се земјоделски и го познавам трудот на земјоделците, туку од истата причина што верувам дека баш таа храна што успева кај нас е таа што ни треба. Меѓутоа, она што сакам да го кажам е да не бидеме ЦЕЛОСНО ограничени и да му дадеме шанса и на некои нови за нас производи кои имаат богата нутритивна вредност и е штета да не ги консумираме, барем од време на време. Еден таков производ е и авокадото од кое е и составен мојот денешен оброк. 
Мојата прва средба со авокадото беше доста чудна. Слушав дека е овошје и очекував ,,овошен" вкус. 😄 Кога го пробав, беше блантаво и не сакав ни да го навидам долг период. Меѓутоа, му дадов втора шанса и не згрешив. Сфатив дека битно е да е добро созреано, (за авокадото повеќе во Good to Know) и да се искомбинира со вистинските состојки што се A MUST со него. 
Денеска ви претставувам еден класичен рецепт со авокадо-ГВАКАМОЛЕ. Гвакамолето е еден вид на паштета од авокадо која може да оди во безброј комбинации. Може да го комбинирате со многу зеленчуци, тревки и зачини, но денеска ќе биде она обичното, класичното што искрено мене ми е најубаво. 😊 

Состојки:
1/2 авокада
1 лимон
снопче магдонос
маслиново масло
хималајска сол
 црн бибер во зрно
чешне лук (по желба)
Авокадото го чистите од лушпата и семката и сецкате на парчиња пред да го ставите во чинијата за толчење. Го сецкате магдоносот и го цедите лимонот. (Го сецкате и чешнето лук доколку не планирате да се дружите после оброков 😈, јас планирам. Затоа овој пат го изоставив). Дотурате маслиново масло, сол и црн бибер. Толчите! 💪 Може да користите и блендер ако не уживате во толчење. Лично мене, позабавно ми е да толчам (ги сакам некои постари обичаи што вклучуваат употреба на труд со рака отколку машина) и повеќе сакам несовршена а не мазна текстура. 
Гвакамолето совршено одговара со крцкави житарици како добро печен леб, двопек, крекери и слично. Уживајте!

No comments:

Post a Comment

Note: Only a member of this blog may post a comment.