Sunday, January 28, 2018

Мотивација за физичка активност


Како да се мотивирате за физичка активност?

Кога станува збор за физичка активност, најчесто имаме еден куп изговори зошто не сме ја започнале воопшто или зошто не можеме да продолжиме ако некогаш сме ја правеле. Најчесто изговорите се вакви: 

-,,Премногу сум далеку од целта, зошто воопшто и да започнувам?”

-,,Немам енергија и сила”

-,,Колку и да сакам, секогаш нешто ми излегува надвор од планот”

-,,Едноставно немам време”

-,,Залудно се трудам, немам резултат, па зошто да се замарам да продолжувам” и така натаму.

Што значи, мотивацијата е клучна кога сакате да постигнете нешто, и на сите ни недостига од време на време, меѓутоа, прочитајте ме и дајте им шанса на овие неколку мои совети:

-Најдете смисла


За секоја работа што ја правите, треба да размислите дали таа има смисла. Конкретно за физичката активност, треба да знете дека И ТОА КАКО има смисла! Покрај цврстото тело или намалување на величината на облеката, бенефит има и во многу други работи како зголемена енергија и сила, подобро здравје, зголемена самодоверба (но не премногу, тоа не е здраво веќе) и т.н.

-Позитивно размислувајте


Направете си визуелизација на сите позитивни исходи како на пример; колку ќе ви биде убаво и пријатно кога ќе трчате или планинарите во природа, каков воздух ќе дишете или каков ќе биде погледот од горе од врвот. Колку ќе биде фино да се видите себеси со мускули, да се замислите со зголемена самодоверба штом одите на плажа по костим за капење или да ставите и потесни фармерки или фустанче на кое нема да избрцнува ништо. Едноставно, само замислувајте...

-Направете си план


Ни една замисла, сон или фантазија нема да биде реалност ако не направиме план за остварување. Земете пенкало во рака, една интересна тетратка што ќе ви служи како дневник и пишувајте. Таргетирајте колку пати ќе вежбате, какви активности ќе правите или кои се вашите цели. Следете го планот без прескокнување, исто како да сте се запишале на некој курс на кој мора да сте присутни. Бидете креативни за да ви биде позабавно. Јас ова го правам често. Тој записник поделете си го на годишни, месечни, неделни и дневни цели и организирајте ги истите. Цртајте, чкртајте, лепејте...направете си колаж со мотивациски и инспиративни извадоци (слики, поговорки, цитати...). Зачленете се на Pinterest и прикачувајте работи на вашата табла што ви се од интерес за целта. Или, направете си вистинска табла за прикачување. Нешто што ќе го гледате секојдневно и ќе ви биде потсетник ШТО треба да правите и зошто ако понекогаш ве фати чувство на откажување и мрза. Нека бидат тоа мотивациски цитати или слики. Бидете креативни.

-Наградете се


Некои луѓе се мотивираат само за подобро здравје или контрола врз тежината, но ако не сте такви, можеби себе-наградувањето ќе ви помогне. За секоја завршена работа како добро истрениран ден, здрав оброк, убава прошетка и слично, дајте си мала награда како гледање убав филм, смуди пијалок, третман на лице или било што што ве радува.Тоа е невролошка рутина каде го навикнувате мозокот да очекува трудот да биде исплатлив. Таа рутина станува навика а штом физичката активност ви стане навика, мозокот лачи ендорфин-позитивни хемикалии одговорни за чувството на среќа или еуфорија. А штом добиете навика, потоа ќе немате потреба да се самонаградувате. 

-Обложете се


Понекогаш ветувањата на себеси не се толку верни, но ако ги направите пред некој друг, можеби ќе ве фати срам или страв да не изгубите нешто ако сте ветиле. Спогодете се со пријателите дека ќе успеете во некоја цел. Уште подрастично, обложете се на нешто. Ако не ја извршите некоја работа, да треба да направите или дадете нешто.


-Инспирирајте се од социјалните мрежи


Заследете групи и личности кои се веќе навлезени во таа работа. Следете ги нивните вежби, идеи, совети. Погледнете ги нивните тела. Меѓутоа, не претерувајте. Не секогаш, сѐ што се прикажува е вистина. Освен тоа, треба да научите да разликувате од природен изглед добиен на потешкиот начин и вештачки изглед добиен по кратка постапка (но за тоа друг пат). Не се обесхрабрувајте на сите ,,мускули” што ќе ги видите и на сите фитнес модели. Понатаму ќе пишувам повеќе за ова зашто сметам дека е важно. За сега, инспирирајте се без да се комплексирате.

-Фокусирајте се на малите победи


Не се обесхрабрувајте ако за дадено време не постигнете кој знае какви разултати. Поделете ги целите на помали цели. На пример, цел и постигнување е зголемената енергија. Цел е сјајната кожа, пријатното чувство во фармерките или воопшто влегувањето в теретана или в планина. Околу времетраењето, не мора да очекувате да издржите 30 или 60 минути вежбајќи, поделете го тоа на 10-15 минути наутро и 10-15 минути после обврските.

-Избегнувајте негативни мисли


Не ви се потребни, верувајте ми. Ако сте јаделе бурек наутро и се чувствувате виновно, не правете го тоа. Не бидете престроги кон себеси. Секој неуспешен обид за нешто може да ве научи на нешто. Тргнете ги тие мисли, намалете ги грешките и сконцентрирајте се на позитивните цели.

-Не се ограничувајте


Не ги извршувајте само оние активности кои ви одговараат и кои можете да ги извршите. Дајте си предизвик и направете нешто што не можете. Само така ќе знаете дека сте се надоградиле, дека сте еволуирале. Не бидете ограничени за својот пол или старост. Единственото ограничување што може да постои е само во вашата глава. Тргнете ги тие стеги и пробајте нешто поразлично, бидете храбри. Нека било кој хендикеп не ве спречи во целта. Запишете се на аеробик, на јога, на бокс, в теретана, во планинарско друштво и т.н. Никогаш нема да знаете што сѐ може вашето тело и ум ако не му дадете предизвик и не пробате.

-Бидете трпеливи


Како што никој не покачил 100 килограми во една недела, така и никој нема да ги симне за една недела. Затоа, бидете трпеливи во вашите цели. Нека ве радува секој МАЛ успех. Сетете се од каде сте почнале. Секое убаво патување започнува со само еден мал чекор.

-Зборувајте за тоа


Не бидете пренапорни но зборувајте им на своите блиски, пријатели и семејство за вашите планови. Зборувајте за вашите цели и искуства, па можеби ќе наидете и на истомисленици.

-Најдете си партнер


Swole mate или партнер во вежбање е некој со кој делите слично мислење или имате слични цели и интереси. Секој може да си најде свој squad. Дали ќе е во боксот, во јога клубот или во велосипедското друштво, тоа е круг на луѓе со кои делите интереси, каде си кажувате шеги, се смеете, делите идеи, се мотивирате, охрабрувате, си ,,пукнувате бокс” за добро завршена работа, си помагате.

-Учете од туѓите искуства


Не секогаш е лесно да се учи од сопствените искуства иако мора да ги следиме, па ако треба и запишуваме за да знаеме што најдобро функционира или не функционира кај нас. Но, понекогаш треба и да послушаме туѓи искуства. (Слушајте паталец). Земете ги тие примери и размислете за себе, но знајте дека секое тело е различно и секоја работа не влијае исто кај секого. Но ако некој ве насочи (посебно професионалец или искусен) како правилно се прави некоја вежба, не бидете тврдоглави и послушајте го.

-Следете ги професионалците


За уште поголемо форсирање во мотивација, следете ги професионалците во вашиот домен на интерес. Како се одржуваат тие фанатици, како останале на врвот, нивните оброци (meal preps), тренинзи и слично.

-Купете си нешто

По одредено време, купете си нешто што ќе ви помогне да сте попрофесионални или навлезени во нештото. За старт, тоа не мора да е нешто скапо или често. На пример, ракавици за вежбање, спортско шише за вода, спортска маица, хеланки, чорапи, бандажери, планинарски стап, ранец и т.н.

-Пуштете си музика


Кога станува збор за физичка активност, музиката е чудо! Таа мотивира, ја зголемува издржливоста, држи темпо и дава некакво расположение. Не би можела да замислам аеробик час без музика која ќе држи темпо и ритам, или вежбање в теретана без некоја музика да ме направи да се осеќам ѕверски. Battle Tested (Hold Strong) од Rob Bailey ми е една од омилените во мојата локална теретана.


-Напијте се кафе



Кафето има многу позитивни својства врз физичката активност (без да претерувате). Ја зголемува издржливоста и концентрацијата, стимулира потење и дава енергија.


-Одморете


Ни една физичка активност нема да има ефект доколку не им дадете одмор на вашето тело и ум. Им треба регенерација и опоравување. Продуктивноста е во ред, но има денови кога треба само да ,,кулираме”, и тоа најчесто сами. Топла бања, гледање серија, цртање, боење или само добро наспивање во тишина. 

-Не се преоптоварувајте


Мускулните болки се сосема нормални после физичка активност, но ако се осеќате вкочанети, ве болат вратните мускули како да носите стап со по две тешки кофи од страна, раздразливи сте и најчесто сте во лошо расположение, време е за одмор. Намалете со обврските, со тешките тренинзи, со брзото темпо или со итањето побрзо да стигнете до целта. Ако тоа не го направите, сте ја изгубиле смислата на физичката активност. Ако секогаш по секоја цена избирате да одите в теретана наместо да се видите со пријател, тогаш губите и од квалитетот на животот.

-Физичката активност не е само за одреден период


Нека ова ви стане јасно. Не го правите ова за да бидете фит пред матура, за да имате ,,тело” за на плажа или за да стигнете побрзо до дечко/девојка. Нека тоа ви биде животен стил, начин на живот, секојдневие, концепт на размислување како да имате некој ново усвоен режим. На тој начин ќе сте помалку анксиозни околу тоа и помалку нетрпеливи кон целите.

















No comments:

Post a Comment

Note: Only a member of this blog may post a comment.