Thursday, February 1, 2018

Авокадо


Авокадото е дрво и затоа спаѓа во овошки, односно ботанички е бобинка поради својата единствена голема семка. Се нарекува и ,,алигаторска круша”, поради својот облик на круша и лушпа како кожа на алигатор. Авокадото се одгледува во тропска и медитеранска клима низ светот. Има зелена лушпа, светло зелено/жолто месо и може да има крушеста, јајчеста или сферична форма. Го има во повеќе сорти и затоа нека не ви биде чудно доколку на пазарот го најдете во различен облик, текстура и боја на лушпа. Авокадото на дрво е цврсто а зрее после берба. Кога го консумираме, го јадеме само неговото месо, а лушпата и семката се фрлаат. Семката може да ја зачувате доколку сакате да си одгледувате авокадо по дома. Само закачете 4 чепкалки на семката за да може да ја ставите до пола во чаша полна со вода. На овој начин ќе 'рти и потоа може да си ја засадите. Но знајте дека на авокадото му треба 4-6 години за да стане дрво, а за да може да раѓа плодови, ќе мора да го калемите.
Авокадото има богата нутритивна вредност вклучувајќи 20 различни витамини и минерали;
Витамин К, Фолат, Витамин Ц, Калиум (има повеќе од бананата), Витамин Б5, Витамин Б6, витамин Е кои ги има од 10-26% во едно авокадо и мала содржина на Магнезиум, Манган, Бакар, Железо, Цинк, Фосфор, Витамин А, Б1 (Тиамин), Б2 (Рибофлавин) и Б3 (Ниацин). 
Богато е со протеини и значително количество на масти, всушност, 77 % од калориите се масти кај авокадото (по што се разликува од другите овошки. Тоа е и најмасно растение воопшто), но не било какви масти туку најчесто мононезаситени масти (олеинска киселина, што е и главна компонента на маслиновото масло). Значи, не содржи холестерол или натриум. Авокадото, содржи и јаглехидрати од кои повеќето се влакна. Поради сите овие особини, затоа и се нарекува супер-храна.

Консумирањето на авокадо го намалува холестеролот и нивото на триглицеридите. Тоа е совршена замена на маст, посебно кај диетата на лица кои треба да ги ограничат другите масти што ги има на пример во високо-масните меса, млечните производи или рибата. Друг факт што мене посебно ми е многу важен е тоа дека авокадото помага при апсорбирање на хранливите материи од исхраната. Ние знаеме на пример колку одредени овошја и зеленчуци се здрави, но не секогаш нивните хранливи материи лесно се апсорбираат во нашето тело. Некои од нив се растворливи во маст а не во вода, како на пример витамините А, Д, Е, К...заедно со антиоксидантите. Затоа, авокадото е тука да помогне, како и секој друг извор на добри масти кога јадете зеленчуци, за да не ви отидат хранливите материи во отпад.
Ова овошје не е благо, неутрално е. Затоа, може да се користи и во солени и во благи комбинации на храна. Кога подготвуваме јадење со авокадо, тоа треба да биде сурово или малку зготвено (доколку експериментирате нешто такво). Месото на авокадото е склоно на ензимско потемнување доколку е изложено на воздух. Затоа, најчесто авокадото се комбинира со лимон или лимета за да остане свежо и зелено.
Авокадото создава совршен освежителен оброк, без разлика дали ќе направите мексиканско Гвакамоле, салата, супа, шејк, сладолед, џус или нешто друго. Поради својата мекост, лесно може да го блендирате, толчите, намазувате со виљушка или нож или да го сечете на парчиња. Совршено одговара со житарки (посебно со покрцкава структура), јајца, зеленчуци, меса...едноставно, речиси се комбинира со сè.
За да подготвиме било што со авокадото, тоа треба да биде зрело. Ех, ова е најтешкиот дел. Ќе имате среќа доколку го најдете такво на пазарот, во спротивно, ќе мора да го чекате да узрее а тоа понекогаш трае и трае и на крај може брзо да скапе. 😂Зрелото авокадо ќе го препознаете со нежно притискање кога го држите во рака, ако е меко-зрело е.

Еве уште еден приказ како да препознаете зрело авокадо
Сè на сè, авокадото е навистина СУПЕР-ХРАНА и иако не секогаш имаме стандард да го купуваме редовно,  вреди да се консумира, барем од време-на време!

No comments:

Post a Comment

Note: Only a member of this blog may post a comment.